Пивскиот бренд Heineken продолжува со своето исмевање на виртуелниот метаверзум. Откако отвори „тотално бескорисна“ пивница во виртуелниот свет, брендот сега ќе отвори „пикселирана“ пивница во реалниот свет.
Пивницата ќе биде отворена во Лондон на 7 април и ќе работи само една вечер. Идејата е дека таа треба да го пренесе искуството од виртуелниот свет во реалниот. Така, посетителите на глава ќе мора да стават ефтин, нефункционален сет за виртуелна реалност, а во самата пивница мебелот ќе има коцкест, „пикселиран“ изглед. Истото ќе важи и за лажните кригли пиво, од кои нема да може да се пие пиво, додека пак персоналот ќе глуми „карактери кои не може да се играат“ (NPCs).
Откако посетителите ќе го поминат „виртуелното искуство“, тогаш ќе бидат воведени во вистинска пивница, каде ќе може вистински да уживаат во вистинско пиво со вистински луѓе.
За време на настанот, Heineken ќе го промовира новото премиум пиво Heineken Silver, со 4% алкохол.
„Иако метаверзумот несомнено ќе донесе многу придобивки за нашите животи, дигитален бар кој служи дигитално пиво на дигитални аватари е бледа имитација на вистинската работа. А, кога станува збор за пивото, ништо не се споредува со вистинското: IRL навистина го победува URL-то, секој пат!“ – истакнува Мет Салцштајн, бренд директор за Heineken Silver.