Пивскиот бренд Heineken, кој е спонзор на фудбалската Лига на шампиони во машка и женска конкуренција, започна нова кампања против половата дискриминација во фудбалот.
Според компанијата, две третини од жените во фудбалот искусиле полова дискриминација. Затоа, Heineken си постави мисија да го унапреди своето спонзорство во спортот за да ги адресира овие проблеми и да ја подигне јавната свест за некои од начините на кои жените во спортот се третирани нефер.
На 2 мај, Heineken ја објави рекламата “Cheers To All Fans” („Поздрав до сите фанови“) со која ги слави страствените фудбалски фанови од женски пол, кои споделуваат еднаква љубов за спортот и својот клуб како и мажите.
Истиот ден, пивскиот бренд ја објави и рекламата “The Greatest Goal” („Најдобриот гол“), во која се појавуваат фудбалските ѕвезди Тиери Анри и Алекс Скот. Спотот започнува со сцена во која Анри гледа фудбал, а коментаторот на телевизорот раскажува: „Пред 15 години, овој играч го одведе Арсенал до нивната најголема победа во клупската историја…“ Првично, гледачите би помислиле дека коментаторот зборува токму за Анри, но потоа откриваме дека всушност се работи за десниот бек Алекс Скот од женскиот тим на Арсенал.
Паралелно со спотовите, Heineken ја лансираше и „првата веб-страница каде фудбалската статистика нема родова пристрасност. Место за славење големи голови. Сите од нив“: https://fresherfootball.heineken.com/