Производителот на сосови Heinz лансираше нова кампања на британскиот пазар, насловена “Trigger the Taste” („Поттикнете го вкусот“), во која се демонстрира широката препознатливост на брендот.
Се работи за надворешна кампања со билборди и постери на кои отсуствува логото на Heinz. Рекламите прикажуваат слики одблиску на производи на брендот, како кечап, мајонез, доматен сос, грав и супа, во комбинација со текст базиран на слоганот „It Has to Be Heinz“ („Мора да биде Хајнц“). Меѓутоа, името на компанијата е заменето со производ кој одлично се комбинира со прикажаниот сос, на пример помфрит, тестенини, леб и слично.
И покрај недостатокот на лого и воопшто името на Heinz, рекламите се лесно препознатливи по комбинацијата на производи и застапениот фонт кој се потпира на 156-годишното наследство на компанијата.
Кампањата е создадена во соработка со креативната агенција Wieden+Kennedy London.