Познатиот бренд на кечап Heinz имаше необична промотивна онлајн кампања која траеше во текот на последниот викенд од февруари, а го вклучуваше нивниот веб-сајт, комплет за скара и еден популарен мит за нивниот производ.
Имено, Heinz меѓу своите љубители важи за кечап кој релативно споро се истура во споредба со оние на нивните конкуренти. Но, според Heinz, трпеливоста се исплати.
Со цел таквата поука да ја илустрира на уште повпечатлив начин, Heinz се реши намерно да го успори својот веб-сајт и да ги натера посетителите да чекаат точно 57 минути за тој да се вчита.
Оние трпеливите, кои беа спремни да ги издржат тие 57 минути и да гледаат во црвениот екран, потоа имаа шанса да бидат наградени со специјален комплет за скара, кој вклучувал црвена спатула, престилка, нараквица за готвење, чинии, салфети и шишиња на кечап и сенф.
Времетраењето од 57 минути било избрано врз основа на компанискиот слоган „57 вариетети“, кој го следи брендот уште од неговото основање во 19 век, а наводно бил изведен од омилените бројки на основачот Х. Џ. Хајнц и неговата сопруга, односно 5 и 7, соодветно.