Брендот на сосови Heinz и брендот вотка Absolut ги здружија силите со цел да направат лимитирана серија на доматен сос за тестенини со доза на вотка.
Рецептот е инспириран од трендот кој супермоделот Џиџи Хадид го отпочна во 2020 година на ТикТок, кога сподели видео во кое приготвува penne alla vodka, односно тестенини со вотка.
„Знаевме дека има неверојатна побарувачка за penne alla vodka – делумно поттикната од возбудата на социјалните мрежи кога една славна личност го сподели рецептот на интернет. Тогаш мислевме дека можеме да го споиме најдоброто од двата света – најдобрите домати и најдобрата вотка. Е, тоа веќе би било нешто!“ – посочува Тад Грино, креативен бренд директор во The Absolut Company.
Каио Фонтенеле, директор за нови вложувања во Heinz, додава: „Иако можеби беа потребни повеќе од 150 години експертиза за домати за да го лансираме нашиот прв сос за тестенини Heinz, ние сме решени да продолжиме да иновираме и да ги воодушевуваме потрошувачите со вкусни вкусови, со брзина на трендовите на социјалните медиуми“.
Новиот асортиман на доматни сосови со вотка ќе се продаваат во британскиот ланец на супермаркети Waitrose, почнувајќи од средината на април. Со цел промоција на новиот производ, брендовите лансираа и серија на рекламни постери кои ја комбинираат теглата на новиот сос на Heinz со препознатливата форма на шишето вотка на Absolut, но и неколку други привлечни дизајни.