Францускиот бренд на коњак Hennessy слави 50 години од појавата на хип-хопот во партнерство со популарниот рапер Nas.
Се верува дека хип-хопот се родил летото 1973 година, кога 18-годишниот DJ Kool Herc и неговиот пријател Coke La Rock започнале да организираат забави во населбата Бронкс во Њујорк. Секако, постојат и други интерпретации за потеклото на овој жанр на музика и субкултура, но останува фактот дека тој во изминатите 50 години го освои светот.
Кампањата “Rep Yours” на Hennessy им оддава почит на иноваторите на музичката сцена кои одиграле клучна улога во доведувањето на хип-хопот во првите редови на популарната култура.
Како дел од прославата, создадено е специјално шише со ликот на раперот Нас, како и ново лого “HenNASsy” во графити стил. Специјалната амбалажа ќе служи како „љубовно писмо“ за хип-хопот, прикажувајќи рачно напишана белешка од Нас на етикетата во портокалова, бела и црна боја.
Дополнително, Нас е наратор на краток филм кој навлегува во историјата и значењето на жанрот.
Како дел од прославата, фановите исто така ќе можат да користат дигитална алатка базирана на вештачка интелигенција со цел да ги претворат своите селфи-фотографии во омоти на албуми кои рефлектираат различни епохи од развојот на хип-хопот.
Дополнително, тимот на Hennessy ќе организира уникатни прослави на 14 различни светски пазари, базирани на локалната историјата на жанрот, препознавајќи дека влијанието на хип-хопот варира од држава до држава, од град до град, па дури и помеѓу различни градски населби.