Шведската интернет продавница за продажба на половна облека „Sellpy“, чиј мнозински дел е во сопственост на модниот гигант „H&M“, во понеделникот објави дека се отвора на пазарите во уште 20 европски земји, бидејќи очекува побарувачката за половна облека да продолжи да расте.
Овој стартап управува со целиот процес на продажба, од собирање на облеката во домовите на оние кои сакаат да продаваат, до фотографирање, продажба и испорака. Сега таа компанија ќе го зголеми бројот на пазарите во 24 земји, откако го започне овој бизнис во 2014 година во Шведска.
Sellpy соопшти дека продажбата на половна облека е еден од најбрзо растечките сегменти на пазарот во модната индустрија.
„Секоја облека купена од сопственик заштедува ресурси за нашата планета. Побарувачката на нашите нови пазари рапидно расте“, рече Густав Весман, менаџер задолжен за проширување на бизнисот.
Бидејќи потрошувачите стануваат се повеќе свесни за потеклото и одржливоста на нивната облека, модната индустрија се најде под лупа поради поттикнување на културата на фрлање.
Групата H&M, која очекува дополнителни приходи по неколку тешки години, бележи помала продажба во многу од своите продавници. Својот прв удел во Sellpy го купи во 2015 година. Вкупно, H&M инвестираше повеќе од 20 милиони евра во компанијата Sellpy и сега е сопственик на 70 проценти на оваа компанија.
Sellpy објави дека започна соработка со H&M која што ќе им овозможи пристап до нивните магацини во Полска, но и во услугите за дистрибуција, контрола на квалитетот на облеката и управување со нарачките.
Компанијата соопшти дека преку нејзината платформа се продадени повеќе од девет милиони парчиња облека.