Во текот на нашата секојдневна употреба на социјалните мрежи, често може да се забележи описот “Instagram vs. Reality” на постови кои се состојат од две фотографии од кои првата е речиси совршена, а втората се обидува да внесе одредена автентичност (и понизност) во ситуацијата. Во релноста, светот и животот не се совршени како на социјалените мрежи.
Ова е пораката која сака да ја пренесе HP во својата нова кампања “Get Real”. Рекламата, пропратена со легендарната “I put a spell on you” на Скриминг Џеј Хокинс, се запрашува дали работите кои сме навикнати да ги правиме на социјалните мрежи, како одговарање на пораки со “Lol” без притоа навистина да се смееме или да го „прославиме“ роденденот на нашиот миленик со долг пост на некоја социјална мрежа кога тоа време можеме навистина да го поминиме со него – се всушност добри за нас. На крајот од спотот, се поставува прашањето дали ние колективно сме изгубиле контакт со реалноста?
Кампањата, создадена од агенцијата Goodby Silverstein & Partners, всушност ги промовира принтерите на HP, како што е нивниот џебен принтер Sprocket кој може да печати фотогрфии директно од смартфон и да им понуди на потрошувачите едноставен и директен начин да ги пренесат своите дигитални креации во материјалниот свет. Идејата е дека подобро би било да испечатиме фотографија и да ја ставиме на фрижидер, отколку да ја постираме на Фејсбук со надеж дека ќе собереме стотици лајкови од познаници маскирани како „пријатели.“
„Го загубивме дигитално-аналогниот баланс во нашиот живот. Ние силно веруваме дека ние сме тие што треба да ја користат технологијата, а не технологијата да нé користи нас. Имаме фантастично и иновативно портфолио кое им помага на луѓето да се поврзат со дигиталниот дел од нивните животи и да создаваат повеќе физички спомени,“ истакна генералниот маркетинг директор на HP, Викрант Батра, по повод новата кампања.
Ова е прва кампања на агенцијата GS&P за HP после 10 години, откако претходно го раскинаа своето долгогодишно партнерство од кое произлегоа повеќе познати кампањи како “The Computer Is Personal Again” и “Everything Is Possible.”