Новата кампања на агенцијата Спелкастер и хрватската онлајн платформа за вработување Адорио го прикажува Трамп, кој после отказот ја напушта Белата куќа
Веста за која зборува целиот свет деновиве е резултатот од претседателските избори во Америка, на кои кандидатот Џо Бајден извојува победа, додека досегашниот претседател Доналд Трамп го заврши својот четиригодишен мандат. Овај глобален настан со вакво големо влијание не го пропушти ниту хрватскиот бренд Адорио, популарна онлајн платформа за вработување, која во соработка со агенцијата Спелкастер, започна провокативна кампања за подигнување на свеста за брендот.
Кампањата со наслов: “Останавте без работа?“, го прикажува отпуштениот Доналд Трамп кој со кутија свои лични работи очигледно го напушта своето работно место, т.е. ја напушта Овалната соба. Во кутијата, меѓу другото, можете да забележите книги за Наполеон и Макијавели, како и фигура на нуклеарна ракета на која седи малиот Ким Јонг Ун.
„Американските гласачи му ја дадоа својата доверба на Бајден, истовремено отпуштајќи го човекот кој голем дел од својата кариера ја создаваше врз репутацијата на гласно давање отказ на другите. Постои во тоа своевидна иронија која одлучивме да ја искористиме за оваа кампања, со оглед на тоа дека дури и најмоќниот вработен човек во светот – Доналд Трамп – може во одреден момент да ја изгуби работата“- рече Тончи Клариќ, креативен директор на агенцијата Spellcaster.
Како што се очекуваше, кампањата стана хит на социјалните мрежи и меѓу локалните инфлуенсери, а разни светски медиуми ја пренесоа веста и фотографијата од плакатот од Загреб, вклучително и престижни американски и светски медиуми како Вашингтон Пост, Ен-Би-Си, Фокс Њус, Сиетл Тајмс, Телеграф и други.