Супермаркет во кој нема да најдете леб и млеко, туку кутии од Елиот и конзерви од Фатима – „Рачно избрано“ и „Неетички собрано“
Гротескно-именуваниот “Human Mart” е уметничка инсталација на супермаркет лоциран на улицата „Оксфорд“ во Сиднеј, Австралија, кој продава преку 60 неочекувани производи, именувани според вистински жртви на современо ропство во Австралија.
Се работи за дел од кампања на организацијата Anti-Slavery Australia (ASA) со цел да се подигне јавната свест за овој сé уште постоечки проблем во општеството. Имено, според глобалниот индекс на ропство (Global Slavery Index), околу 15.000 луѓе во Австралија се соочуваат со услови налик на ропство. Притоа, тие се злоупотребувани како домашни помошници, сексуални работници или се присилени на брак. Се проценува дека само една од пет жртви е евентуално идентификувана.
Со „купувањето“ на производите во супермаркетот, луѓето всушност прават донации кон организацијата ASA, со што ја помагаат во нејзината борба против современото ропство во Австралија.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција Cocogun и уметничкиот колектив The Glue Society.