Маркетинг365 го имаше задоволството да разговара со Тодор Стојчевски, одговорно лице за односи со јавност на Лајонс Дистрикт 132.
М365: Јавноста Ве знае како сопственик на меѓународната Агенција за односи со јавност Чептер 4. Но, од неодамна, станавте и лице за односи со јавност на хуманитарната асоцијација Лајонс Дистрикт 132.
Т.С.: Секој човек има огромен потенцијал да биде хуман. Дали ќе биде хуман е негова одлука. Лично, во хуманитарни активности сум вклучен речиси 30 години, откако станав член на подмладокот на Црвениот крст. Подоцна, по препорака на мојот драг пријател – лајон Миле Станковски – станав член на Лајонс клубот Вардар, еден од најстарите клубови во оваа асоцијација на хумани лица. Едноставно, сфатив дека хуманоста е категорија која треба да се споделува и организира. Индивидуалниот пристап дава ефект, но кога се организирате за да споделите хуманост со оној на кого му е потребна, тогаш ефектите се поголеми и поддршката е позначајна. Затоа, препорачувам секој да стане член на хумани асоцијации и здруженија. Вреди да се помага и да се биде хуман. Сериозна чест и обврска е да се биде Лајон.
Секако, поради природата на мојата работа, очекувано беше да се поврзат професионалноста и приватноста. Хуманата активност да ја поврзам со професионалната определба – односи со јавност и така, официјално, годинава сум Координатор за односи со јавноста и информирање во Кабинетот на гувернерката Весна Пацаноска. Ова е формалната титула, иако и кај претходни два гувернери на Дистрикт 132, бев задолжен за комуникација со јавноста.
М365: Што претставува оваа организација и на кој начин ја промовирате вашата хуманитарна работа и зошто е потребно да се промовира хуманитаризмот?
Т.С.: Секој различно ја доживува оваа организација, иако милувам да ја пренесам пораката на овогодишната гувернерка, дека „Лајонизмот е посветеност на највисоките идеали за хуманитарна работа: заедница на луѓе кои се обврзале да помогнат на оние што имаат потреба, преку сите средства што им стојат на располагање“. Значи, станува збор за верба дека луѓе од разни националности, вери и религии може да се здружат и да помогнат. Се базира на принципи според кои се живее и се служи во заедницата. Ние и нашите членови сме подготвени секогаш да помогнеме и да го направиме светот посреќно место за живеење, борејќи се против сиромаштијата, гладта, болестите, да им помогнеме на беспомошните. Затоа, наше мото е Служиме.
Дека сме светски позната организација потврдија и Обединетите нации кои го одбележуваат 24-ти март како Меѓународен ден на Лајонизмот. Постои меѓународна Лајонс фондација (LCIF), иако сме организирани на ниво на држави, дефинирани како Дистрикти. Во секој дистрикт постојат клубови основани од збир на индивидуалци. Секој дистрикт си има свои цели, но сите се дел од Меѓународната асоцијација на лајонс клубови. И она што е најважно, секој клуб има свој подмладок – Леовци – кои уште од мали нозе ја практикуваат хуманоста, човечките вредности и вредностите на лајонизмот.
М365: Како ги организирате овие хуманитарна активности – како се финансираат, кој ги реализира, кому се наменети, кои се таргет групи?
Т.С.: Секој клуб носи своја годишна програма, поднесена од страна на претседателот на Клубот за таа година. Раководството на клубот ротира на годишно ниво, што секако овозможува секоја година да се дефинираат нови цели, нови проекти, нови хумани подвизи. Програмата предвидува низа хуманитарни активности кои се реализираат во текот на годината, иако секогаш секој Лајон дејствува и помага и во неочекувани и во непредвидени околности. Сите проекти ги финансираме сами, како индивидуалци, преку годишни членарина во секој клуб. Освен членарината, секој Лајон дава свој индивидуален придонес во секоја акција, без разлика дали вложува време, пари, знаење. Едноставно, се организираме во давање на хуманоста. Ние помагаме на сите луѓе на кои им е потребна поддршка, иако дефинираме клучни области на делување, како што се Вид, Дијабетес, Детски канцер, Глад и Животна средина. Наша мисла водилка е „таму каде што има потреба, таму е Лајонот“. Што се однесува до поддршката, среќни сме што има многу хумани лица кои донираат пари, храна, облека, покуќнина, разен инвентар, учебници, лап-топ компјутери, таблети и се што е потребно.
М365: Вие сте и претседател на Лајонс Клубот Вардар, еден од постарите клубови во оваа асоцијација. Колку клубови има и каква е структурата на оваа асоцијација?
Т.С.: Да, нештата се поклопија. Оваа година сум и претседател на еден од најстарите клубови во нашата асоцијација – клубот Вардар. Чест е да водиш ваков клуб во кој членуваат приватно и професионално реализирани личности, кои несебично ја докажуваат својата човечност и преку хуманоста. Во клубот членуваат универзитетски професори, доктори, новинари, музичари, продуценти, психолози… експерти од разни области. Но, со еден збор, сите тие се „експерти по хуманизам“ и тоа го докажуваат на дело.
Нашиот клуб е еден од 24 клубови кои го формираат дистрикт 132, односно клубови во Република Северна Македонија. Но, ние сме само мал дел од светската клупска хуманитарна организација која има над 48.000 клубови во 200 држави со над 1.400.000 членови. Можеби сме мало хумано зрно песок во морето, но сме значајно хумано зрно песок во нашата заедница. Ги почитуваме и работиме според принципите на Лајонизмот, на тој начин што организираме разни хумани активности и посветуваме се што имаме и можеме на оние на кои им е потребно.
М365: Како медиумите реагираат на вашите информации за хуманитарни активности? Каква е соработката со новинарите?
Т.С.: Имаме одлична соработка со новинарите, кои секогаш се подготвени да ги поддржат и промовираат нашите активности. Нормално, доколку немаме активности, тие нема што да претстават пред јавноста. Како граѓанска организација и асоцијација на клубови успешно успеваме да ја претставиме нашата хумана мисија пред јавноста, без разлика дали тоа го правиме преку медиумите или организираме разни средби со граѓани, преку социјалните мрежи или во секојдневен контакт со сите граѓани. Медиумите се сензитивни на човечките приказни, затоа што и новинарите се луѓе кои живеат во оваа средина и кои ги споделуваат сите тажни приказни на луѓето околу нив. Исто така, верувам и сум сигурен дека никој не може да добие простор во медиумите доколку тоа не го заслужи. Затоа, наша обврска како асоцијација на клубови е да креираме настани, да помагаме на луѓето, да ја говориме нашата мисија и визија, да ја шириме хуманоста. Таа е „златен клуч“ кој отвора многу срца.