Компанијата Старбакс се откажа од рекламирањето на социјалните мрежи и им се придружи на големите компании во Америка кои го бојкотираат овој вид на огласување поради говор на омраза
Повеќе од 180 компании во Америка, вклучително и гигантите Verizon, Coca-Cola и Unliver, одлучија на одредено време да го прекинат рекламирањето на социјалната мрежа Фејсбук, поради тоа што не го санкционира говорот на омраза. Кампањата за бојкот на рекламирањето „Да престанеме со омраза заради профит“ е одговор на протестите низ целата земја поради расизмот и полициската бруталност после смртта на афроамериканецот Џорџ Флојд.
Старбакс во соопштението наведе дека прекинот во рекламирањето е најдобриот начин да се спречи ширење на говорот на омраза и дека во рамките на компанијата и со организациите на човекови права ќе разговара за најдобрите начини за спречување говорот на омраза.
Како што е соопштено, Старбакс ќе продолжи да рекламира на YouTube, кој е во сопственост на Google. Исто така, иако компанијата прави пауза од рекламирање на социјалните мрежи, официјално не се приклучува кон кампањата „Да престанеме со омраза заради профит“.
Организаторите на оваа кампања на Фејсбук, објавија дека и европските компании ќе се приклучат на бојкотот, што би предизвикало дополнителна финансиска штета на Фејсбук.
Фејсбук соопшти дека работи на спречување говорот на омраза и дека соработува со експерти и организации за заштита на човековите права. Фејсбук заработува околу 70 милијарди долари годишно од рекламирање.