Професионалното здружение за дигитален маркетинг кај нашиот источен сосед, IAB Бугарија, го избра новиот Управен одбор кој ќе ја предводи организацијата во текот на 2026 година.
На чело на здружението останува Маријан Најденов од Prodesign, кој ќе ја продолжи својата функција како претседател. За заменик-претседател, членовите на Генералното собрание ја избраа Дарија Сарменова-Илиева од Argent, а раководниот тим се проширува со нови членови од водечки компании во медиумската и дигиталната индустрија во Бугарија.
Во составот на новиот управен одбор влегуваат Ангел Искрев од proof., Христо Николински од eTarget, Зоја Василева од bTV, Анелија Ангелова од Economedia, Илијана Захариева од A1 Bulgaria, Бојан Иванович од Yettel и Константин Терзиев од Teva Pharmaceuticals. Со ова, IAB Бугарија го зацврстува својот статус како платформа која ги обединува најрелевантните професионалци и компании во областа на дигиталното огласување на бугарскиот пазар.
Главен приоритет на новото раководство ќе биде обновувањето на „AdEx Benchmark Report“, стандардизиран извештај за мерење на пазарот на дигитално огласување. По неколкугодишна пауза, извештајот повторно ќе обезбеди прецизни податоци за состојбите и трендовите во индустријата, што се очекува да придонесе за поголема транспарентност и стратешко планирање на пазарните актери.
Новото издание на „AdEx Benchmark Report“ ќе ги опфати резултатите за 2024 и 2025 година, а неговото објавување е планирано за второто тримесечје од 2026 година.