Струковната асоцијација IAB Europe го објави новиот извештај „Beyond Reach: Mapping the Social Impact of Digital Advertising and Media“ („Повеќе од досег: Мапирање на општественото влијание на дигиталното огласување и медиумите“), кој дава преглед на начините на кои дигиталното огласување и медиумите влијаат врз поширокиот општествен контекст на медиумскиот екосистем.
Додека во изминатите години во индустријата најмногу се зборуваше за еколошкиот аспект (на пример емисиите и јаглеродниот отпечаток), овој извештај го насочува вниманието кон област која често остануваше во сенка: општествената одржливост и последиците што медиумските инвестиции можат да ги имаат врз квалитетот на информирањето и дигиталната средина.
Извештајот истакнува дека општествениот импакт на дигиталното огласување тешко може еднозначно да се измери, бидејќи темите, критериумите и практиките се разликуваат меѓу пазарите и засегнатите страни. Сепак, сѐ појасно е дека индустријата мора посистематски да се занимава со прашања како медиумскиот плурализам, дезинформациите, пристапноста на содржините и заштитата на приватноста на корисниците. Станува збор за теми што директно влијаат врз довербата на публиката, безбедноста на брендовите и долгорочната вредност на медиумското опкружување во кое огласувањето се развива.
Еден од клучните заклучоци е дека во моментов постои значителна фрагментација: недостасуваат заеднички дефиниции, усогласени методологии и споредливи показатели (т.е. KPI) кои би овозможиле конзистентно следење на општествениот импакт низ различни канали и формати. Поради тоа, одговорното медиумско планирање не треба да се сведува само на избегнување „непожелни“ содржини, туку на активно управување со општествените ризици и поттикнување поквалитетни практики низ целиот синџир на вредности – од медиумите и платформите, до огласувачите и агенциите.
IAB Europe нагласува дека наодите од овој извештај ќе послужат како основа за понатамошна работа на развој на практични насоки и рамки што ќе ѝ го олеснат на индустријата воведувањето стандарди и споредливи начини на мерење. Со други зборови, извештајот „Beyond Reach“ е повик за заедничко дејствување: покрај досегот и ефикасноста, при планирањето и закупот на медиумски простор сѐ повеќе да се земе предвид и прашањето за тоа каква општествена средина дигиталното огласување помага да се изгради.
Извештајот е достапен за симнување на следниот ЛИНК.

















