Еминентниот професор, врвниот експерт од областа на маркетинг, туризам и економија, професор Луиз Мутињо за прв пат оствари академска посета на Македонија со цел да ја зацврсти соработката со Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје.
Во рамки на посетата, професорот Мутињо одржа интерактивно предавање за сите студенти на УТМС на тема: Дигитален и мобилен маркетинг: сензори, биосигнали, социјална визуализација и мешана реалност. Предавањето за академскиот кадар на УТМС тематски беше насочено кон Интелегенцијата на технологијата и еписистеми на услугите во функција на зголемено знаење. И двете предавања, уникатни по темата, пристапот и содржината, предизвикаа огромно воодушевување како кај студентите, така и кај продфесорите.
Во рамки на своите ексклузивни предавања, професорот Мутињо повеќекратно ја потенцираше важноста на дигиталните технологии во деловниот свет, блиската иднина која ни носи радикални промени во однесувањето на купувачите базирани на достапност на технологии. Ургнентноста на адаптациите – вели професорот Мутињо, не ни остава многу избор.
Професорот Мутињо е еминентен академски професор и истражувач во областа на стратешки маркетинг и туризам со повеќе од 25-годишна престижна академска кариера како редовен професор на реномирани универзитети во Ирска, Португалија, Нов Зеланд, Кина, Бразил, Колумбија, Литванија, Унгарија и многу други светски елитни универзитети. Неговата водечка улога во истражувањата и академската работа е проширена и во областа на научни проекти и истражувања со мултидисциплинарен карактер од повеќе области од кои примарна е моделирањето и математичкиот приод во Однесување на потрушавачите, Стратешки маркетинг, Процеси на потрошувачко однесување во туризмот, Мултигенерациски маркетинг и Биомаркетинг. Неговата академска работа брои преку 140 академски трудови, преку 30 книги и импозантен број на предавања со импакт врз многу генерации ширум светот.
Оваа академска посета се должи на интензивната меѓународна соработка што УТМС веќе една деценија ја гради со престижни универзитети, истражувачи, експерти и професори од целиот свет во пакет со уникатната методологија на работа и изучување која ја практикува на додипломски и последипломски студии.