Игор Поповски, сопственик и извршен директор на порталот “CrnoBelo.com” е избран за нов Претседател на IAB Македонија, здружението кое за своја основна цел има развивање и унапредување на дигиталниот адвертајзинг во Република Македонија.
На завчерашното изборно собрание, токму Поповски едногласно ја доби довербата од членовите на собранието кое е составено од претставници на огласувачите, водечките интернет портали и маркетинг агенциите од земјава.
По повод овој избор, новиот Претседател за Маркетинг365 изјави : “Само со здружени сили и активна работа на сите вклучени страни – можеме да го постигнеме нивото и стандардите кои ќе ни овозможат реализација на заедничките цели и ќе придонесат за дополнителен развој на нашиот интернет пазар. Ја користам приликава да ги поканам сите оние кои ја делат нашата визија за развој на домашниот интернет пазар – да се приклучат на ИАБ и да дадат свој придонес во понатамошните наши активности “
Поповски доаѓа на местото на Дарко Лазаревски од “Кајгана Медиа“ кој ја извршуваше функцијата на Претседател на ИАБ Македонија во изминативе две години.