Шведскиот бренд за мебел IKEA ја назначи агенцијата McCann Worldgroup за свој прв глобален маркетинг партнер.
Агенцијата ќе ја предводи глобалната бренд маркетинг стратегија за IKEA во 31 држава во светот, а како матична база за операции беше избрана канцеларија на McCann во Шпанија. Глобалниот договор на IKEA со McCann нема да влијае врз регионалните и локалните агенциски партнерства на брендот.
Новиот глобален маркетинг пристап на IKEA ќе се гради врз премисата дека основните потреби на луѓето се универзални – сите луѓе треба да спијат, да јадат и да поминуваат време со саканите. Визијата на IKEA за создавање подобар секојдневен живот за луѓето ширум светот ќе го постави тонот на нивната комуникација преку глобални маркетинг кампањи и ќе му даде можност на брендот емотивно да се поврзе со луѓето без разлика на нивната култура, животната ситуација или возраст.
Агенцијата McCann Worldgroup била избрана поради нејзината глобална филозофија на „Добро кажана вистина“ (“Truth Well Told”), која е во согласност со визијата на IKEA да создаде подобар секојдневен живот за луѓето насекаде, врз основа на универзалните човечки вистини.
„Како еден од најдоверливите брендови во светот, имаме одговорност да покажеме како предводиме со нашата визија и цел; дека застануваме на страната на многумина преку нашиот прифатлив асортиман и активности што ги преземаме како компанија за луѓето и планетата. Возбудена сум што гледам како оваа промена ни дава можност да се поврземе со повеќе луѓе со посилен глас“ – истакнува Лика Ли, вршител на должноста менаџер за глобален маркетинг при Ingka Group (матичната компанија на IKEA).
„Ние сме почестени и возбудени што бевме назначени за прв глобален маркетинг партнер на IKEA. Нашите тимови низ целиот свет, брилијантно предводени од McCann Шпанија, не можат да дочекаат да лансираат трајна платформа за брендот што ќе одекнува на глобално ниво и дополнително ќе ја гради лидерската позиција на IKEA на секој пазар“ – посочува глобалниот извршен директор на McCann Worldgroup, Дерил Ли.