Во својата нова огласувачка кампања наменета за британскиот пазар, брендот за мебел ИКЕА се реши да ја преработи познатата Езопова басна „Зајакот и желката“, фокусирајќи се на важноста на спиењето и добриот одмор.
Централниот спот на кампањата го следи Зајакот кој претходната ноќ пред познатата трка, се решава да ја помине забавувајќи се и пиејќи со другарите, односно останувајќи да свири гитара и да гледа забавни видеа на интернет до доцните часови. Следното утро, гледаме како Зајакот се успива, а Желката се буди целосно освежена после добро спиење на својот кревет од ИКЕА, фаќајќи навремен чекор со планираната трка која, како што знаеме – ќе ја победи.
„2020 е чудна година и додека сите се навикнуваме на новата нормала, многу луѓе открија дека нивниот сон е подложен на негативно влијание. Стресот и анксиозноста може да имаат навистина штетно влијание врз сонот, што пак влијае врз нашиот буден живот. Добриот сон нè подготвува да имаме одличен следен ден, а нашата нова интегрирана кампања има за цел да им помогне на луѓето да најдат начин а му дадат приоритет на спиењето“, истакнува Кеми Антони, маркетинг комуникациски менаџер на ИКЕА за Обединетото Кралство и Ирска.
Кампањата е создадена со помош на агенцијата Mother, а покрај главниот спот ќе содржи и дигитални активности и outdoor реклами кои ќе истакнуваат како добриот сон дава поефективни резултати од енергетските пијалоци, кремите против стареење и витаминските суплементи.