Шведскиот бренд за мебел IKEA планира да отвори повеќе од 150 работни позиции поврзани со технологија и иновации ширум Европа. Истовремено, до 2025 година, брендот планира 50% од оброците што ги нуди во своите ресторани да бидат врз растителна база.
Комбинирајќи ги овие две заложби, IKEA ја лансираше кампањата “Taste the Future” („Вкусете ја иднината“), која има за цел да ги привлече талентираните кандидати за технолошките и иновативни позиции кои ги отвора компанијата.
Каде тука се вклопуваат шведските ќофтиња, се прашувате? Епа, IKEA планира на кандидатите, при вршењето на интервјуто за работа, да им сервира ќофтиња од растително потекло кои се принтани со 3Д принтер. Некоја комбинација за „одржливост“ и „современа технологија“.
„Ајде да се сретнеме на интервју за работа со некои 3Д-принтани ќофтиња. Секако дека се без месо. Бараме луѓе со имагинација кои сакаат да го подобрат животот во домот. Избрани улоги – од сајбер чувари, до идни архитекти“ – посочуваат од IKEA.