Поради актуелната состојба со пандемијата на корона вирусот, голем број од луѓето не се во можност или не сакаат да патуваат надвор од својата држава. Но, со малку лична имагинација, брендот за мебел ИКЕА им нуди можност на своите фанови да го пренесат амбиентот на омилените туристички дестинации во сопствениот дом.
Кампањата насловена „Одмор во кутија“ е создадена од филијалата на ИКЕА во Обединетите Арапски Емирати, со помош на креативната агенција Memac Ogilvy, и се состои од четири комплети на производи – масички, перници, свеќи и декорација – инспирирани од четири популарни светски дестинации – Париз, Кападокија, Малдиви и Токио.
„Во моментот многу луѓет немаат можност да го остварат патувањето од соништата кое го планирале за оваа година. Со нашите „Одмори во кутија“, сега е лесно за луѓето да искусат француска вечера под светлината на свеќите или пак да пијат зелен чај на перничиња инспирирани од Токио,“ истакнува Карла Клумпенаат, генерален менаџер за маркетинг, комуникации и внатрешен дизајн во ИКЕА ОАЕ, по повод лансирањето на кампањата.