Останувајќи доследни на својата мисија „Создавање подобар секојдневен живот за многу луѓе“, шведскиот бренд на мебел ИКЕА лансираше нова кампања за блискоисточниот пазар во која се осврнува на важноста на мебелот во раниот детски развој.
Насловена „Поддршка за првите чекори“, кампањата се состои од колаж на видео-клипови во кои преслатки бебиња ги прават своите први чекори – и тоа потпирајќи се на парчиња мебел од ИКЕА. Клиповите се всушност произлезени од онлајн тренд на ТикТок наречен „baby cruising“, кој што ја доловува радоста на младите родители за првите чекори на нивните деца. Пораката е едноставна: ИКЕА е тука и тивко ги поддржува семејствата додека тие градат силни темели – за нивните деца и нивната иднина.
Кампањата е резултат на креативна соработка помеѓу клиентот Al-Futtaim IKEA, креативната агенција INGO Hamburg и фотографот Але Бурсет, а ќе се емитува на различни платформи низ Блискиот Исток.
„Оваа кампања се потпира на една прекрасна универзална вистина – речиси секој родител, секаде, бил сведок како нивното дете се поткрева на парче мебел за да ги направи првите климави чекори. Тоа е момент толку мал, а сепак толку незаборавен. Сè уште се сеќавам кога моите две ќерки научија да одат со помош на LACK масичка (од ИКЕА) во нашата дневна соба“ – посочува Даниел Фишер, глобален генерален креативен директор на агенцијата INGO.