Шведскиот бренд IKEA продолжува со своите напори да им даде нов живот на несаканите парчиња мебел
Минатата година, IKEA на норвешкиот пазар ја претстави кампањата “The Trash Collection” („Колекцијата на ѓубре“), како дел од која беше прикажуван отфрлен мебел кој потоа се реставрираше и препродаваше. Овој пат, брендот отиде чекор понатаму и отвори продавници кои откупуваат половен мебел од домаќинствата на кои тој повеќе не им е потребен.
Во промотивниот спот за кампањата “The Life Collection 2022” („Животната колекција 2022“), јавноста може да забележи разни столици, маси и фиоки кои се отфрлени поради различни, но транспарентно објавени причини. Можеби за нив веќе немало место во семејниот дом, сопственикот починал или пак бизнисот банкротирал. Можеби изгледа малку „мрачно“, но ова се реалностите на животот.
„Сакавме да покажеме како го разбираме моментот дека мебелот не е нужно корисен засекогаш. Нашите нови продавници за половни производи се потребни затоа што животот се случува, а нам ни треба поодржлив начин за третирање на нашиот мебел“ – истакнува Роберто Јаноне, глобален маркетинг менаџер во IKEA.
Кампањата се реализира со помош на креативната агенција Try Oslo и продукциското студио Aparent.