Брендот за мебел IKEA на годишно ниво продуцира голем број на реклами, што не зачудува имајќи го во предвид бројот на пазари каде што брендот е присутен. Одвреме-навреме, некоја од тие „локални“ реклами е толку добра или моќна што предизвикува и глобално внимание. Таков е случајот и со најновата реклама на IKEA за чешкиот пазар, која се осврнува врз психолошките ефекти и траумата предизвикани од семејното насилство.
Невообичаено вознемирувачката реклама на IKEA потсетува на краток и тензичен хорор филм во кој една жена се соочува со накакви „паранормални“ активности во својот дом, а потоа и секаде каде што оди – на работа или во маркет. Меѓутоа, при крајот на рекламата се открива дека паранормалните активности не се дело на некакви домашни духови или демонски сили како што ги знаеме од холивудските филмови, туку на „демонското“ однесување на нејзиниот сопруг.
Спотот на крајот завршува со соодветна порака – „Семејното насилство е вистинско дури и кога не е секогаш видливо“, по која следи статистички податок дека 47% од чешките жени имале искуство со некаква форма на ментално насилство во својот дом. Конечната порака на IKEA е дека „Секој дом треба да биде безбедно место.“
Рекламата е создадена со помош на креативната агенција Triad Advertising од Прага и продукциската куќа Bistro Films.
IKEA – GHOST from Marek Partys on Vimeo.