Досега сме гледале како брендови и дизајнери создаваат фонтови за пишување од отпечатоци на автомобилски гуми, од мраз, пари, па дури и од човечки влакна на нозете. Сега, кон оваа листа се приклучи и брендот за мебел IKEA кој го создаде Soffa Sans, нов фонт инспириран од нивните каучи.
IKEA, заедно со агенцијата Proximity од Лондон, го создадоа фонтот со помош на виртуелниот планер за мебел достапен на веб-страната на брендот. Инспирацијата дошла откако корисниците на социјалните медиуми почнале да си „играат“ со виртуелниот планер и да „цртаат“ најразлични креативни идеи со каучите на IKEA.
„Навистина уживавме да гледаме како луѓето се забавуваат со нашиот мебел и иновативните решенија кои ги создаваат. Поттикнати од нивната креативност, ние го лансираме најудобниот фонт на светот. Неговиот модуларен облик и релаксираниот проред помеѓу буквите го прават да биде доста прилагодлив и едвај чекаме да видиме како и каде ќе биде користен,“ истакнува Маркос Техедор, претставник на IKEA.
Според компанијата, во изработката на фонтот Soffa Sans биле употребени 1,434 различни производи на мебел, а доколку фонтот би бил изработен од вистинските производи, би чинел 106,320 британски фунти.
Фонтот може да се симне бесплатно на следниот линк.