Социјалната мрежа „Икс“ (Х) на Илон Маск поведе тужба против група на огласувачи, тврдејќи дека „масовниот бојкот на огласувачите“ ја има лишено компанијата од приходи вредни милијарди долари и ги прекршува антимонополските закони – пренесува американската новинска агенција Асошиејтед прес.
Компанијата ја поднела тужбата пред федерален суд во Тексас против Светската федерација на огласувачи (WFA) и компаниите членки Unilever, Mars, CVS Health и Orsted.
Според поведената постапка, таканаречената „Глобална алијанса за одговорни медиуми“ – иницирана од посочената огласувачка асоцијација, наводно помогнала да се координира пауза во огласувањето на платформата откако Маск го купи тогашен „Твитер“ (сега „Икс“) за 44 милијарди долари кон крајот на 2022 година.
Извршната директорка на компанијата, Линда Јакарино, ја информираше јавноста за поднесената тужба преку видео соопштение, објаснувајќи дека постапката делумно произлегува од доказите откриени од Судскиот комитет на Претставничкиот дом на САД, кои според неа покажуваат дека „група компании организирале систематски незаконски бојкот“ против „Икс“.
Сопственикот на „Икс“, Илон Маск, објави на својот профил дека со две години добро однесување не добиле ништо друго освен празни зборови и дека „сега е време за војна“. Тој исто така упати повик до сите компании кои биле „систематски бојкотирани од огласувачите“ да се приклучат кон тужбата, со надеж дека ќе иницираат кривична постапка според анти-рекетарските закони на САД.
Сопственикот на видео-платформата Rumble, Крис Павловски, објави дека неговата компанија се придружува кон тужбата иницирана од страна на „Икс“.