Агенцијата за комуникациски менаџмент и односи со јавност Имиџ ПР од Скопје, стана прва македонска агенција која ја добива престижната награда „Golden World Award“ која ја доделува интернационалната асоцијација за односи со јавност – IPRA.
Имиџ ПР е и единствена агенција од ex-YU регионот која годинава се закити со оваа награда, со која IPRA дава признание на проекти кои покажале извонредност во комуникациите, релевантност, конкретни цели, креативни стратегии и тактики и демонстрирале реален резултат.
Наградата, во меѓународна конкуренција и доделена од меѓународно жири, е добиена во категоријата “Односи со заедницата“ за нивниот проект “Енергетска математика“ работен за клиентот ЕВН Македонија.
Ангелка Пеева Лауренчиќ, директор на „Имиџ ПР” по овој повод изјави: „Како една од првите агенции за односи со јавност на македонскиот пазар оваа награда за нас претставува огромна потврда дека нашите досегашни напори да воспоставиме високи стандарди во професијата се оправдани. Тоа нѐ позиционира на светската карта не само како агенција, туку и како земја. Докажавме дека сме конкурентни и на светско ниво што е огромен успех. Оваа награда за нас е само дополнителен поттик да понудиме квалитетни проекти на пазарот, што ќе бидат препознаени од клиентите и ќе помогнат во постигнување на нивните цели”.
Комуникациската платформа „Енергетската математика“ е комплесен комуникациски проект кој преку различни канали на комуникација ја пренесува главната порака за „вредноста“ на електричната енергија изразено преку киловат час и начините на кои може да се рационализира потрошувачката во секојдневниот живот. Комуникациските средства подготвени на едноставен и секому разбирлив јазик покрај другото опфаќаат: осум филмувани епизоди од секојдневиот живот на просечното семејство Јаневи и Адеми, кои се емитуваа на македонски и албански јазик, вклучување на младата публиката преку интеракција на социјалните медиуми, едукативни работилници за заинтересираната јавност, надворешно огласување, радио пораки, телевизиски видео материјали итн. Енергетската ефикасност е тема која покрај тоа што има големи ефекти врз животната средина, значајно влијае и на семејниот буџет.
На развој на решенијата и продукција на видео материјалот за „Енергетската математика“ работеше и тим на адвертајзинг агенцијата „Идеа плус Комуникации“ од Скопје.