До сега Гугл и Фејсбук се обидуваа да се справат со проблемите самостојно
Фејсбук и Гугл се под се` поголем притисок од огласувачите да основаат независно тело за огласувачки стандарди, кое би спроведувало заеднички правила за несоодветни содржини.
Најголемите притисоци доаѓаат од стручната организација ISBA, која бара воспоставување на сет од заеднички политики кои би определувале идентификација, следење и бришење на содржини што се сметаат за несоодветни.
Како што се приклучуваат голем број компании, вклучувајќи ги и Lloyds Bank, Unilever и Procter & Gamble, притисокот врз овие два гиганта ќе се зголеми, но прашањето е дали двете компании ќе можат да се усогласат околу заедничките правила.
Ако тоа сепак се случи, тогаш и другите социјални платформи како што се Твитер и Снепчет, би биле повикани да се придружат на иницијативата.
Во разговорот за Financial Times, генералениот директор на ISBA, Фил Смит изјави: “Најмалку што бараме е независна контрола и известување. Тоа би ја унапредило довербата во овие платформи и би било добро за нивната репутација “.
ISBA тврди дека саморегулацијата е во најдобар интерес за технолошката индустрија како средство за градење на довербата на потрошувачите и огласувачите во нивната работа, истовремено намалувајќи го ризикот од воведување регулации од страна на владата.
До сега Гугл и Фејсбук се обидуваат самостојно да ги решат своите проблеми. Google ангажираше цела војска од 10.000 модератори за да помогнат во проверката на содржините на YouTube, а Фејсбук го започна системот на анкетирање на корисниците за да ги отстрани “неверодостојните” извори.