Пред околу еден месец, во контекст на анти-расистичките протести во САД, неколку американски непрофитни организации покренаа иницијатива за бојкот на Фејсбук со цел да го натераат технолошкиот гигант да ги заостри своите правила во однос на говорот на омраза. Иницијална каписла за ваквиот повик беа неколку објави на американскиот претседател Доналд Трамп кои Фејсбук одби да ги цензурира.
Ваквата иницијативата, насловена #StopHateForProfit, за кратко време доби голем замав, така што околу 400 брендови, меѓу кои и Coca-Cola, Starbucks, Ford, Microsoft, Verizon, Viber и други, го прекинаа своето огласување на Фејсбук.
Фејсбук се обиде да ја амортизира ситуацијата – ги заостри правилата за политичко огласување, блокираше поголем број на крајно-десничарски групи, а објави и отворено писмо до „бојкотирачите“, потсетувајќи ги на сите позитивни работи кои Фејсбук ги направил во изминатиот период. Сепак, акциите на компанијата доживеаја релативно голем пад.
Вчера, бордот на директори на Фејсбук, на чело со генералниот извршен директор Марк Зукерберг, се сретна со претставници на организациите Anti-Defamation League, Color of Change, Free Press и NAACP кои го иницираа бојкотот.
Состанокот траел нешто повеќе од еден час, меѓутоа претставниците на непрофитните организации го напуштиле со „разочарување“. Претседателот на NAACP, Дерик Џонсон, изјави дека Фејсбук биле „повеќе заинтересирани за дијалог отколку за акција“, додека пак директорот на Anti-Defamation League, Џонатан Гринблат, истакна: „Денес видовме малку, а слушнавме скоро ништо“. Рашад Робинсон од Color of Change посочи дека Фејсбук „очекувале 5-тка за присуство“, a директорката на Free Press, Џесика Гонзалес, револтирано изјави: „Нашите барања се веќе на масата, тие се на масата многу долго пред оваа кампања воопшто да се случи.“
По се изгледа огласувачката криза со Фејсбук ќе потрае уште некое време – колку време тоа ќе биде, останува да видиме.