Со дискусии и практични совети за користење на иновациите во служба на подобра животна средина и намалување на загадувањето на воздухот заврши осмото издание на Самитот Македонија2025. Врвни домашни и странски експерти, претставници на државни институции и компании, ги споделија своите стручни видувања, осврнувајќи се на ризиците врз здравјето и економијата предизвикани од загадувањето на воздухот. Заклучоците и решенијата беа разгледани од аспект на јавните политики и бизнисите, со цел делотворно дејствување од страна на сите засегнати страни во општеството.
На Самитот, публиката имаше можност да ги слушне излагањата од претставници на врвни македонски компании, кои го предводат патот кон зелено работење преку нивните водечки, добри примери.
„Заштитата на животната средина, особено справувањето со загадувањето на воздухот е еден од најгорливите проблеми денес и сите ние: бизнис секторот, надлежните институции, граѓанските здруженија имаме обврска да учествуваме во решавањето на овие проблеми. Телеком, како една од најголемите компании, презема чекори и поттикнува иницијативи, кои влијаат на подобрување на условите за живот на сите граѓани. Како иновациски лидер и иницијатор на дигитализацијата, наша задача е да ја искористиме технологијата како еден од најголемите адути во борбата за здрава животна средина“, – изјави Никола Љушев, Главен извршен директор на Македонски Телеком.
„Горд сум што по осми пат успешно помина целиот Самит Македонија2025 и што повторно успеавме да собереме толку генијални умови на едно место. Мислам дека дојдовме до фантастични заклучоци и решенија и се надевам дека тие ќе допрат до учесниците на Самитот и ќе бидат имплементирани во нивното секојдневно работење. И навистина сум среќен што оваа година се осврнавме на еден сеприсутен проблем со кој јас секојдневно се соочувам, а тоа е заштита на животната средина и зачувување на природните убавини со кои изобилува оваа земја“, – истакна Михаил Матески, Извршен директор и соосновач на Гринтех и Гринтех Мк, член на Одборот на директори на Македонија2025.
Покрај иновациите и нивното влијание врз животната средина/ загадувањето на воздухот, централни теми на последниот ден од Самитот беа финансиската писменост и можностите за финансирање мали и средни претпријатија (МСП). Исто така, пред публиката зборуваа и неколкумина успешни Македонци – добитници на врвни светски признанија во областа на бизнисот и претприемништвото. По три дена исполнети со многубројни активности, Македонија2025 може да се гордее со уште еден одлично реализиран Самит, на кој присуствуваа 400+ менаџери, директори, претприемачи, професори и претставници на државни институции од земјата и регионот.
Утре, како последна активност на Самитот, во соработка со „Treebanks“, има организирано случување насловено „Planting for the Future“, на кој учесниците и сите заинтересирани ќе можат да се вклучат и да засадат дрво на Водно во 10:00 часот.