Обединетото Кралство ова лето се соочува со екстремно високи температури кои не биле забележани со децении. Поради топлотниот бран, властите беа приморани да преземат значителни мерки за заштита на важните културни споменици, па во еден случај дури и завиткаа мост во алуминиумска фолија.
Уште поважно, високите температури ги подигнаа и грижите за човековото здравје, вклучително и за опасноста од рак на кожата. Според непрофитната организација Melanoma UK, во државата секоја година се дијагностицираат по околу 16,000 луѓе со оваа болест, правејќи го петтиот најчест вид на рак во регионот. Она што предизвикува аларм е што околу 86% од случаите на рак на кожа можеле да се спречат со правилна заштита од штетните ултравиолетови зраци на сонцето.
Токму затоа, со намера за подигнување на јавната свест за начините на кои луѓето можат да се заштитат, Melanoma UK во соработка со креативната агенција Leith реализираа иновативна outdoor кампања.
Се работи за постери од сончево-сензитивна хартија на која се испишани пораки со мастило изведено од крем за сончање. Првично, на постерите сè изгледа исто, но, штом тие ќе поседат некое време на сонце – бојата почнува да се менува!
View this post on Instagram
Позадината се затемнува, додека пак буквите со крем за сончање остануваат исти, притоа оддавајќи илузија како да се појавуваат “од никаде” со цел да ги поучат луѓето за штетните влијанија од сончевите зраци и начините на кои тие можат да се заштитат.