Новиот визуелен идентитет на Инстаграм нема толку да влијае на самата социјална мрежа и на корисниците, колку на маркетинг комуникацијата. Притоа пораките ќе бидат пишувани со новиот фонт
Инстаграм, социјалната мрежа која диктира многу трендови во светот на дизајнот, модата, инфлуенсерите и сродните гранки, го откри својот нов визуелен идентитет. Повторно е „младешки“, свеж, едноставен, разигран и шарен, но отсега со себе носи одредени нови елементи кои „носат нова енергија“, како што велат неговите дизајнери.
Препознатливиот градиент на бои, кој често служи како позадина и ја краси иконата на Инстаграм, отсега ќе биде малку поведар и посветол. Дизајнот генерално ќе биде повеќе фокусиран на содржината, т.е. големи слики со само минимални количини на текст – и тој текст ќе биде со нов фонт.
Со цел уште повеќе да го истакнат и да го нагласат својот идентитет, во Инстаграм одлучија да направат фонт со кој ќе се огласуваат и пишуваат сите маркетинг пораки. Неговото име е Instagram Sans, а во описот пишува дека е „фонт на иднината изграден на минатото“.
Ќе доаѓа во три варијанти – обична, без серифна, наречена Regular и слична е на фонтовите како Roboto, Calibri или Verdana. Втората верзија се вика Headline Regular и е дизајнирана како декоративен фонт со кој ќе се пишуваат наслови или истакнати делови од текстот. Оваа верзија носи интересни лакови, лигатури и некои необични облини кои ги нагласуваат поединечните букви и на тој начин привлекуваат внимание.
Третата е Condensed варијанта, за посебни намени, кога е потребно да се вметне што повеќе текст на што е можно помал простор.
Со новите фонтови ќе биде пишувано името на Инстаграм, текстовите на огласите и веб-страниците, на латиница и на сите други писма во светот, вклучително и арапско, јапонско писмо или кирилица.