Досега, доколку сакавте да споделите линк во „приказна“ на Инстаграм, тоа можевте да го сторите со опцијата „повлечете нагоре за повеќе“, но само доколку имавте 10.000 следбеници. Оние кои го немаа тој луксуз, ги упатуваа своите фанови кон линкови запишани во краткиот опис на нивните профили.
Меѓутоа, сега Инстаграм започна со испраќање на известувања до корисниците дека платформата веќе од 30 август ќе го овозможи споделувањето на линкови за сите корисници, без разлика на бројот на следбеници, но на еден поинаков начин од познатото „повлечи нагоре“.
Според најавите, новата функција за линкови ќе биде слична како постоечките ознаки за „локација“ и „споменување“ (т.е. „тагирање“). Односно, корисниците едноставно ќе треба само да кликнат на ознаката за линк и тој ќе ги однесе до поврзаната веб-локација.
Известувањата велат дека Инстаграм ја тестирала оваа функција од стартот на годината, а сега се чини дека е доволно стабилна за да биде претставена пред јавноста.