На почетокот од годината се прошири информацијата дека технолошкиот гигант Фејсбук работи на посебна верзија на платформата Инстаграм која ќе биде специјално наменета само за деца.
Моментално, за да се зачлените на Инстаграм, потребно е да имате навршено 13 години. Меѓутоа, од компанијата забележале дека на платформата се приклучуваат и деца кои се под 13 години, лажејќи за својата возраст. Затоа, се решиле да го следат примерот на конкурентите YouTube и TikTok кои развиле специјални верзии на своите платформи наменети само за деца.
Меѓутоа, во екот на глобална контроверзија предизвикана од напис на The Wall Street Journal, развојот на Инстаграм за деца ставен во привремено мирување. Имено, американскиот весник објави наводни внатрешни анализи на компанијата кои покажуваат дека Инстаграм негативно влијае врз менталното здравје на тинејџерите.
Од матичната компанија Фејсбук ги отфрлаат критиките на весникот, тврдејќи дека новинарскиот напис пренесува само една страна на многу покомплексна приказна.
Токму поради својата заложба за заштита на младите, Инстаграм соопшти дека засега го паузира проектот за специјална платформа за деца. Од компанијата посочуваат дека информацијата за развојот на новата платформа излегла во медиумите прерано и дека е потребно многу повеќе време за таа да се изгради како што треба.
Меѓутоа, во соопштението се нагласува дека се работи само за пауза и дека ова не е индикација за откажување од ваквата платформа.
Напротив, намерата на Инстаграм продолжува да опстојува. Апликацијата ќе биде наменета за деца од 10 до 12 години, а нивните профили ќе бидат менаџирани и надгледувани од нивните родители кои ќа имаат целосен увид во тоа кои профили нивните деца ги следат, кои нив ги следат, кои им испраќаат пораки, колку време поминуваат итн.
Во меѓувреме, Инстаграм ќе започне со воведување на алатки за родителска контрола во оригиналната платформа, насочени кон тинејџерите. Се очекува тие да бидат имплементирани во „претстојните месеци“.