Апликацијата, која освои голем дел од социјалниот и медиумскиот простор и стана толку популарна што го обликуваше светот околу нас, од дизајн на кафулиња и музеи, преку аранжирање чинии и храна до тоа како се однесуваме и каде одиме, се појави на App Store пред десет години.
Сè започна со љубовта кон технологијата и фотографијата. Додека студирале на Стенфорд, Кевин Систром и Мајк Кригер го лансирале Инстаграм на 6 октомври 2010 година како едноставен начин за споделување фотографии.
Првата фотографија што беше објавена беше пробна фотографија од златниот ретривер на Кевин (и нозете на неговата девојка) покрај киоск во Мексико, објавена на 16 јули 2010 година.
Инстаграм веднаш постигна огромен успех. Во првите неколку часа од лансирањето, апликацијата ја презедоа 10.000 луѓе, а во текот на следната година, 10 милиони луѓе.
Забележувајќи го успехот на оваа, на некој начин конкурентска мрежа, Фејсбук го купи и продолжи да го развива Инстаграм во 2012 година, кој денес може да се пофали со бројка од милијарда корисници и фактот дека е една од најпопуларните социјални мрежи во светот.
Најзначајната промена беше воведувањето на делот Stories, што им овозможува на луѓето да објавуваат привремени текстови и видео снимки, кои исчезнуваат после 24 часа. Исто така, воведени се и бројни ефекти за менување на снимките. Интересно е тоа што овие можности најпрвин ги воведе ривалската социјална платформа Snapchat.
Повеќе од две третини од корисниците се помлади од 34 години, па затоа Инстаграм брзо го привлече вниманието на маркетинг индустријата, па со текот на времето, се појави потполно нова професија – инстаграмџија. Поради фактот што базата се состои од млади луѓе, феноменот на инфлуенсери, исто така, доби потполно нова димензија со популаризацијата на оваа мрежа.
Важен дел од успехот на Инстаграм е неговата способност да привлече познати личности, кои пак привлекуваат голем број следбеници во мрежата. Кристијано Роналдо е неофицијален крал на Инстаграм (238 милиони следбеници), а потоа следуваат Аријана Гранде (203 милиони), Двејн Џонсон (199 милиони), Кајли Џенер (196 милиони), Селена Гомез (194 милиони), итн.