Социјалната мрежа Инстаграм воведе голем број нови и експериментални функции кои имаат за цел да ја направат платформата побезбедно место за тинејџерите.
Официјално е претставена претходно најавената опција „Take a Break“, која е достапна во САД, Велика Британија, Канада и Австралија. Сега, кога корисникот ќе ја прегледува содржината на Инстаграм, ќе биде известен да направи пауза и да постави потсетници за подоцна. Тинејџерите особено ќе добиваат нотификации за да направат потсетници со цел да бидат свесни за постоењето на оваа опција. Ќе им бидат понудени и стручни совети за користење на социјалната мрежа.
Инстаграм во март ќе воведе алатки за родителите и старателите кои ќе им овозможат да имаат увид во времето што нивните деца го поминуваат на Инстаграм, како и да постават временски ограничувања. Тинејџерите ќе добијат опција да ги информираат своите родители доколку пријават некого на социјалната мрежа, а тоа ќе послужи како сигнал за возрасните дека треба да разговараат за нешто што се случува.
Една од експерименталните можности која ќе биде корисна за тинејџерите и адолесцентите е да ги отстранат своите активности на апликацијата направени кога биле многу помлади. Тие ќе можат да ги избришат објавените фотографии и клипови, како и да ги отстранат сите нивни лајкови и коментари. Оваа функција ќе биде достапна за сите во јануари.
Друга опција која се тестира ќе биде продолжување на она што беше воведено претходно оваа година, а се однесува на забраната за возрасните да испраќаат директни пораки до тинејџери кои не ги следат. На почетокот на следната година ќе се укине можноста возрасните да тагираат или спомнуваат тинејџери кои не ги следат, како и да ја вклучат нивната содржина во Reels Remixes или Guides. Се анализира и можноста за дополнително ограничување на чувствителните содржини што ги гледаат тинејџерите, а моментално се работи на тоа корисниците да добиваат предлог да се префрлат на друга тема доколку една ја следат подолго време.