Во неодамнешна „приказна“ на Instagram, основачот и директор на матичната компанија Meta, Марк Зукерберг, го објави воведувањето на нова функција за пребарување на карти во самата апликација, која ќе им помогне на корисниците да откриваат локални бизниси во регионот.
При прегледувањето на некој дел од картата, корисниците ќе можат да истражуваат популарни означени локации во околината, па дури и да филтрираат бизниси врз основа на различни категории, како ресторани, кафулиња, козметички студија и паркови.
Динамичната функција за пребарување ќе им понуди на корисниците поприспособено и поимпресивно искуство кога бараат бизниси во нивна близина, што значи дека совршеното место за денот е само на еден допир преку означени објави, приказни, рецензии, па дури и релевантни хаштагови.
Плановите и активностите на Meta да го изгради Instagram во интегрирана платформа за сите потреби на своите корисници е во согласност и со она што неодамна го посочи и потпретседател на Google, Прабака Рагаван. Имено, Рагаван истакнал дека услугите на пребарувачот повеќе не се толку популарни поради претпочитањето на корисниците да ги користат социјалните мрежи за откривање нови места, идеи и активности.
Со оглед на тоа што 40% од младите на возраст од 18 до 24 години укажуваат дека редовно го посетуваат Instagram или неговиот ривал TikTok за да се инспирираат за ручек, можеби овие апликации наскоро би можеле да се претворат во следните Google Maps.