Социјалната мрежа за споделување слики и видеа Инстаграм го објави воведувањето на повеќе новитети.
Како најзначајна се истакнува можноста за корисниците да објавуваат заеднички постови. Иако опцијата беше тестирана со лимитиран број на корисници уште од јули, па така можеби и сте виделе вакви постови, сепак таа ќе добие лансирање за пошироката публика во текот на оваа недела.
Со цел објавување на заеднички пост, еден од корисниците ќе треба да го покани другиот корисник или корисници како ко-автори на објавата, кои потоа треба да прифатат. Постовите ќе се појавуваат како споделени од двата или повеќе профили на ко-автори, а бројот на лајкови, прегледи и коментарите ќе бидат заеднички т.е. исти.
Инстаграм исто така воведува два нови ефекти за креаторите на музички видеа, насловени како “Superbeat” и “Dynamic Lyrics”. Првиот ќе додава специјални ефекти според ритамот на одредена песна, додека пак втората алатка ќе овозможи додавање на тродимензионален текст кон песната.
Корисниците на платформата исто така ќе можат да отпочнуваат кампањи на собирање на средства (fundraiser) за непрофитни организации. Опцијата ќе биде достапна преку истото копче “+” кое се користи за нови слики, приказни и видеа.
Одредени подобрувања стигнуваат и на десктоп верзијата на Инстаграм, преку која корисниците сега ќе можат да објавуваат слики и видеа пократки од една минута. Досега, корисниците на десктоп верзијата можеа само да прелистуваат постови и да користат директни пораки.