Социјалната мрежа Инстаграм ја воведува долгоочекуваната функција која овозможува преземање на видеата во краток формат познати како Reels.
Новото ажурирање им носи погодност и флексибилност на креаторите на содржини и на гледачите, бидејќи тие сега ќе можат да зачувуваат и да уживаат во кратките видеа офлајн. Функцијата засега ќе биде достапна само за корисниците во Соединетите Американски Држави, со можност за понатамошна имплементација и на други пазари.
Со цел зачувување на некое видео кое во моментот го гледаат, корисниците најпрвин треба да притиснат на копчето “Share”, а потоа да ја изберат новата опција “Download”. Може да се зачуваат само видеа објавени од јавно отворени профили.
Конкурентот ТикТок има слична функција веќе со години. Притоа, се смета дека таквата функција имаше клучна улога во брзиот раст на платформата, овозможувајќи им на поголем број луѓе да дојдат во контакт со оригинални содржини од ТикТок кои се споделени, односно повторно прикачени на други интернет платформи.