Следејќи ги стапките на новиот претплатнички модел на Твитер, социјалната мрежа Инстаграм потврди дека работи на нова платена опција – “Exclusive Stories” т.е. „ексклузивни приказни“.

Изминатите две недели на интернетот кружеа гласини и екрански снимки, според кои Инстаграм развива нова опција за претплата. Компанијата потоа потврди дека се работи за екрански снимки од внатрешен прототип на кој работи нивниот тим.
Со новата опција, креаторите на содржини ќе можат да формираат свои „клубови на претплатници“, односно корисници кои ќе треба да се претплатат на креаторот за да ги гледаат неговите ексклузивни приказни. Исто така, овие корисниците нема да можат да прават екрански снимки од овие приказни.
Постои можност дека креаторите ќе можат да додадат краток преглед на овие ексклузивни приказни кон нивните јавни приказни, со цел да ги привлечат корисниците да се претплатат.
Сега засега, Инстаграм сé уште нема посочено датум за лансирањето на оваа опција, но станува јасно дека компанијата ја следи конкуренцијата и развива нови начини како да ги задржи креаторите на содржини на својата платформа.