Корисниците на Инстаграм ќе имаат можност да го сокријат бројот на лајкови на објавите на оваа социјална мрежа
Факт е дека социјалните мрежи денес го обликуваат општеството и начинот на размислување, особено кај помладите генерации кои дури и не се сеќаваат на времето пред ерата на лајкови. Тоа е голема одговорност, па затоа е потребно да се одлучи што е поважно: приходот или менталното здравје на корисникот. Инстаграм долго време размислуваше за сокривање на лајковите, па неодамна понуди решение кое навистина не решава ништо.
Долготрајната дебата за лајковите на Инстаграм заврши како што се очекуваше: одлуката дали сакаат да се гледа бројот на лајкови или не им е оставена на корисниците. Платформата веќе тестира нова опција што им овозможува на корисниците да изберат што е најдобро за нив, така што можат да одлучат дали сакаат да го гледаат бројот на лајкови на објавите на другите, на нивната сопствена содржина, а можат и да продолжат по старо.
Новата опција пристигнува еден месец откако Инстаграм „случајно“ го сокри бројот на лајкови за голем број на корисници, што се смета за дел од експериментот што трае од 2019 година. Имено, експертите се обидуваат да утврдат дали невидливоста на лајковите влијае на намалувањето на притисокот кога станува збор за социјалните мрежи. Од самиот почеток, јасно е дека новата опција не е добредојдена, особено затоа што им штети на инфлуенсерите кои се важен дел од индустријата, но исто така и на “обичните“ корисници кои се горди на бројот на лајкови.
Сè уште не е познато кога изборот во видливоста на лајковите ќе стигне до сите корисници на Инстаграм, но јасно е дека на повидок е некоја голема промена.