На почетокот на оваа година Инстаграм најави дека ќе ја тестира опцијата за претплата, а многу брзо потоа беше откриено дека ова е опција преку која корисниците ќе можат да се претплатат на некој налог на оваа платформа и да добијат пристап до ексклузивни „приказни“(stories).
Според последните податоци, компанијата започнува со пообемно тестирање на оваа опција. Во последното ажурирање на апликацијата за американскиот пазар додадоа опција за плаќање во рамките на апликацијата, која ја наведоа како „Инстаграм претплата“.
Оваа промена ја забележаа тимовите кои стојат зад апликациите кои го следат екосистемот на Инстаграм, движењето на бројот на корисници, податоци итн. На ист начин е “откриено“ и воведувањето на бакшиш и претплати на Twitter, како и на TikTok.
„Претплатата на Инстаграм“ беше откриена на 1 ноември, прво по цена од 4,99 долари, а потоа на 3 ноември беше додадена поевтина опција од 0,99 долари.
Пред ова, единственото нешто за кое наплаќаше Инстаграм беа различни опции за „беџ“, виртуелни предмети кои обожавателите можат да ги купат за да поддржат некои од нивните омилени инфлуенсери. Цената на беџовите исто така се движи од 0,99 до 4,99 долари.
Оваа опција е забележана и од некои корисници и инфлуенсери. Во основа, Инстаграм тестира нови функции со мала група корисници пред да ги објави јавно.
Инстаграм во неколку наврати годинава најави дека сака да го прошири сетот на алатки кои авторите можат да ги заработат на платформата, од споменатата претплата до воведувањето на NFT (облик на криптовалута).
Иако сè уште не е објавен детален план за претплата, директорот на Инстаграм Адам Мосери на годишната конференција во јуни зборуваше за стратегијата за монетизација. Потоа спомна дека има 3 типа на заработка за кои се заинтересирани.
Првиот тип е продажбата, а тоа значи брендирана содржина, маркетинг итн. Вториот е уделот на приходите од реклами и третиот се директните плаќања, како што е оваа претплата.
„Најмногу ми се допаѓа оваа последна опција бидејќи им овозможува на инфлуенсерите да имаат подиректен однос со своите фанови, што мислам дека е поодржливо и попредвидливо на долг рок“, рече Мосери, коментирајќи ги директните плаќања на авторите.
Инстаграм не е единствениот кој експериментира со начините на заработка на својата платформа. Покрај бројните стартапи, исто така и ривалите на Инстаграм како ТикТок, Снеп, Пинтерест, Јутјуб и Твитер тестираат нови начини за заработка на платформите.