Технолошката компанија Intel доби нов бренд идентитет со ново лого и освежена палета на бои. Ова е трето ребрендирање на компанијата во последниот половина век.
Најзначајна промена е тоа што повеќе ја нема кружната линија околу името на брендот. Според Јон Којн, потпретседател за брендот во Intel, кружниот елемент бил нешто „заборавено во времето“ од пред 20 години. Наспроти него, Intel доби ново, би рекле „поправоаголно“ лого, следејќи го трендот на останатите технолошки компании на денешницата.
Иако брендот во основа ќе ја задржи сината боја, таа сепак ќе биде со посветла нијанса. Intel исто така планира да вклучи и дурги бои својот брендинг, како портокаловата, жолтата, црвената и црната. Некои од овие бои ќе бидат во поголема употреба на специфични пазари, како на пример црвената за Јапонија, каде што наводно таа боја има поголемо значење.
До крајот на годината, Intel ќе добие и обновен „џингл“, кој сепак ќе ги задржи истите пет ноти како досега, но во „помодернизирана“ варијанта.
Генералниот маркетинг директор на Intel, Карен Вокер, во интервју за Форбс истакна дека компанијата имала потреба за трансформација бидејќи се чинело дека таа гледа „наназад“ наместо „нанапред“, стравувајќи дека ќе ја изгуби својата релевантнот.
Ребрендирањето на Intel беше претставено заедно со лансирањето на новиот процесор од 11 генерација, ко-дизајниран со партнерските компании Acer, Dell, HP и Samsung.