Илон Маск се надева дека во 2021 година, брзо ќе ја прошири достапноста и ќе го покрие поголемиот дел од населениот свет.
Интернет мрежата Старлинк, базирана сателити распоредени во орбитата на Земјата, наскоро ќе биде достапна и во Европа.
Илон Маск, извршен директор на компанијата SpaceX, која раководи со проектот Старлинк, најави дека ќе испрати неколку илјади покани за користење на мрежата Старлинк. Овие покани одат на адресите на Американците, но Маск вети дека Старлинк ќе им биде достапен на Европејците на почетокот на следната година.
„Веднаш штом ќе ги добиеме дозволите што се потребни за секоја земја поединечно, ќе почнеме. Не постои систем за одобрување за цела Европска унија. Последните одобрувања најверојатно ќе ги добиеме во февруари или март“, порача Маск преку Твитер.
Канада и Норвешка треба да бидат меѓу првите земји кои ќе добијата пристап до Старлинк, после САД. Одобрување за Индија се очекува во средината на следната година.
SpaceX неодамна тивко ја лансираше бета-верзијата на Старлинк, а станува збор за програмата “Better Than Nothing Beta“, која чини 99 долари месечно. Покрај тоа, опремата чини 499 долари.
SpaceX во моментов има повеќе од 800 Старлинк сателити во орбитата, но потребни се илјадници други за да може услугата да биде достапна на глобално ниво. Компанијата се надева дека во 2021 година брзо ќе ја прошири достапноста и ќе покрие поголем дел од населениот свет.