Американската групација на огласувачки агенции Interpublic Group (IPG) преговара за можна продажба на агенцијата за дигитален маркетинг R/GA, пренесуваат Wall Street Journal и AdAge.
Според извори на посочените медиуми, заинтересирани за купувањето на R/GA се повеќе холдинг-компании. Како најзаинтересирана за таквата аквизиција се споменува индиската Tata Consultancy Services, која сака да го прошири своето присуство на глобалната сцена, особено во САД.
Медиумите исто така пренесуваат дека е можно склучување на стартешко партнерство, наместо целосна продажба на агенцијата.
R/GA е основана во 1977 година, постепено прераснувајќи во глобална мрежа на дигитални маркетинг агенции со седиште во Њујорк и канцеларии во Остин, Лос Анџелес, Сан Франциско, Портланд, Лондон, Берлин, Сао Паоло, Буенос Аирес, Сингапур, Шангај, Сиднеј и Токио. Агенцијата во моментот има околу 1,200 вработени ширум светот и соработувала со повеќе големи брендови како што се Nike, Verizon, Google, Coca-Cola, Samsung и други.
Interpublic Group ја купи R/GA во 2001 година, како дел од стекнувањето на агенциите под чадорот на тогашната True North Communications.
Во февруари оваа година, генералниот извршен директор на IPG, Филип Краковски, како дел од презентацијата на годишниот финансиски извештај навестил дека специјализираните дигитални агенции на компанијата забележале слаби финансиски резултати, без подетално образложување.
Потоа во април, како дел од кварталниот извештај, Краковски најавил дека компанијата ќе истражува начини за зајакнување на своите средства преку спојувања и аквизиции, со посебен фокус на понатамошно проширување на способностите за трговија и дигитална трансформација.