Американската маркетинг групација Interpublic Group го соопшти потпишувањето на стратешко партнерство со Aaru, компанија за вештачка интелигенција и технологија позната по својата експертиза во симулирање на човечкото однесување. Оваа соработка има за цел да го трансформира начинот на кој маркетинг кампањите се планираат, тестираат и оптимизираат на глобално ниво.
Преку напредната технологија за предиктивни симулации на Aaru, агенциите на Interpublic ќе можат однапред да ја предвидат реакцијата на публиката кон бренд концепти, креативни решенија, настани, инфлуенсер кампањи и други иницијативи – уште пред нивното лансирање. Ова им овозможува на маркетерите да ги идентификуваат најефективните стратегии уште во почетна фаза, обезбедувајќи подобри резултати, намалување на неизвесноста и зголемен поврат на инвестициите.
Двете компании веќе успешно соработуваа на проекти во финансиските услуги, здравството и секторот за потрошувачки стоки. Во овие случаи, симулациите на Aaru помогнаа брзо да се оценат идеите на различни пазари, што довело до посилни резултати. Врз основа на ова искуство, партнерството сега се проширува и на таргетирање на публика, иновации во производи и оптимизација на кампањи во реално време.
Interpublic планира да ги интегрира капацитетите на Aaru во својата сопствена платформа Interact, заедно со решенијата на Acxiom за управување со податоци. Ова ќе ѝ овозможи на глобалната мрежа на агенции и клиенти на компанијата ексклузивен пристап до технологијата на Aaru и до првични увиди за новите алатки и производи во развој.
Раководствата на компаниите нагласуваат дека целта не е да се замени креативноста, туку да се зајакне. „Предиктивните можности на Aaru ја поместуваат креативната граница, а не ја заменуваат,“ изјави Камерон Финк, основач на Aaru. „Преку партнерството со Interpublic, можеме да им помогнеме на најдобрите креативни умови во светот да ги поместат границите на можностите во маркетингот.“ Двете компании се силно посветени на етичката употреба на податоци, при што моделите со вештачка интелигенција се обучуваат исклучиво со лиценцирани извори.
Како дел од соработката, Interpublic ќе отвори и „Студио за симулации“ (Simulation Studio), каде клиентите ќе можат во живо да ги доживеат демонстрациите на технологијата на Aaru. Овие сесии ќе прикажат како кампањите можат брзо да се приспособат и „скалираат“ на различни пазари, што Interpublic го нарекува „парадигматска промена“ во маркетингот – спој на брзината и прецизноста на вештачката интелигенција со човечката креативност за максимален ефект.