„Плановите за Романија имаат цел зголемување на тимот, на портфолиото на производи и на популарноста на брендот на производителот“ – истакнува Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на УО на „Алкалоид“ АД Скопје, во неговото интервју за романски „Бизнис магазин“.
Македонскиот производител на лекови „Алкалоид“, кој во последните пет години забележа просечна стапка на раст од над 12%, отвори капитално поврзано друштво во Романија за зајакнување на својата позиција на локално ниво. Заради одржување на темпото на раст, компанијата, која е присутна речиси во 50 земји, цели кон глобална експанзија. Во канцелариите во Скопје пазарот во Романија се смета за стратешки, а локалното работење во првата година достигна пораст на продажбата од 66%. „Алкалоид“ пласира околу 20 производи на романскиот пазар, од речиси 250 производи од портфолиото на фармацевтската компанија.
Постојаниот деловен успех и одржливиот развој на „Алкалоид“, главно, се резултат на квалитетот на нашите производи, вработените во компанијата, брендот „Алкалоид“ и на индивидуалните брендови развивани со децении од генерации посветени вработени. Константа во долгогодишната историја на „Алкалоид“ се инвестициите. Во последните петнаесет години компанијата издвои речиси 220 милиони евра насочени кон изградба на нови фармацевтски единици, зголемување на капацитетите за истражување и развој, инсталирање најсовремена опрема, лаборатории, технологии, софтвер и добро обучен кадар.
Денес „Алкалоид“ пласира повеќе од 70% од своето производство во речиси 50 земји во светот. Глобалните трендови во фармацевтската, хемиската, билната и во козметичката индустрија се применети во нашето секојдневно работење, а нашето придржување до најстрогите стандарди за добра производствена пракса го потврдуваат реномирани авторитети.
„Во една динамична индустрија каква што е фармацевтската, пласманите, вообичаено, одговараат на инвестициите, вештините и на знаењето, кои во последните две децении строго ги насочивме кон глобално позиционирање на брендот ’Алкалоид’. Важна стратешка гледна точка во нашата глобална мапа е Романија. На овој пазар, откако бевме присутни во последните години, во 2022 година регистриравме сопствена компанија во Букурешт“ – вели Живко Мукаетов.
Таму портфолиото на „Алкалоид“ се состои од повеќе фармацевтски производи и од производи за хемодијализа. „Наш врвен фармацевтски производ на овој пазар е антибиотикот Цефиксим (македонски Панцеф), регистриран со заштитниот знак Xifia во Романија, кој е меѓу петте најдобри брендови на антибиотици на романскиот пазар. Секој производ, секој бренд и секоја одлука на ’Алкалоид’, главно, се резултат на залагањата на луѓето пред сѐ. Нашата цел е да изградиме компанија од задоволни луѓе кои го вложуваат својот потенцијал во нашиот заеднички успех, бидејќи имиџот, вредностите, кредибилитетот и организациската култура на компанијата се рефлектираат преку нејзините луѓе“ – објаснува Мукаетов.
„Мисијата на ‘Алкалоид’ е како компанија да се диференцира преку знаење и преку развој на производи со додадена вредност, користејќи високи етички стандарди во нашите секојдневни активности, како и кредибилитет и професионален пристап во нашето општо работење. И во вакви времиња на предизвици ќе останеме посветени на најважното нешто во животот – ЗДРАВЈЕТО ПРЕД СЀ!“ – истакнува Мукаетов во интервјуто за романски „Бизнис магазин“, кое може да се прочита во целост и на македонски јазик на следниот ЛИНК.