Генералниот директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, Живко Мукаетов, даде новогодишно интервју за познатиот бизнис магазин The Economist.
Во своето интервју, Мукаетов се осврна на развојот на компанијата во изминатите години, начинот на кои таа се соочува со предизвиците, нивната стратегија за развој на човечките ресурси, како и за плановите за инвестиции во понатамошен развој на компанијата, нејзините производи и пазарниот пласман.
„Историски гледано, Алкалоид има континуиран раст во изминативе 20 години. Ако во 2005 година, кога јас дојдов на чело на продажните операции на компанијата, имавме продажби од 53 милиони евра, 2023 година ја затвораме со пласмани од над 265 милиони евра. Овој петкратен раст не беше воопшто лесен, а во контекст на успешноста, можеби клучните зборови се квалитет, посветеност и напорна работа. Целта на Алкалоид е да се диференцира преку знаење и развој на производи со додадена вредност. Во моментов, Алкалоид е компанија на повеќе од 2.800 семејства, а секој еден член на големото семејство алкалоидовци придонесува нашата успешна приказна да продолжи да расте и да се развива“ – објаснува Мукаетов.
Според него, Алкалоид секогаш се стреми да ги регрутира најдобрите кандидати на пазарот на труд, без оглед на тоа за која позиција станува збор. „Квалитетното образование и соодветните вештини се клучни во тој процес, а одговорноста е уште поголема доколку станува збор за кадри од стручните сфери. Како и во секоја успешна и амбициозна компанија, огромен предизвик е да се одржи високото ниво на организациска култура, фокусот на резултати и високото ниво на етички вредности особено во услови на функционирање исполнети со бројни непредвидливи аспекти“ – посочува Генералниот директор на Алкалоид.
Благодарение на континуираните инвестициските потфати од 2018 до 2022 година, чиј износ достигнал сума од дури 104,1 милиони евра, Алкалоид АД Скопје доби признание за „најголем инвеститор во регионот на Западен Балкан“ од страна на Регионалниот коморски форум WB6. Според Мукаетов, континуираното инвестирање и унапредување во сите сегменти од работењето ќе остане и натаму високо позиционирано како една од клучните стратешки определби во деловната политика на Алкалоид.
„Нашата цел останува да се диференцираме преку знаење и развој на производи со додадена вредност, а на овој курс сме решени да останеме и во иднина, работејќи на натамошна глобализација на брендот Алкалоид, достоинствено и посветено, со практикување високи етички стандарди, кредибилитет и професионален пристап во севкупните операции“ – категорично заклучува Мукаетов.
Целосното интервју може да се прочита на следниот линк.