На 25 октомври 2019 год во хотел DoubleTree by Hilton во Скопје ќе се одржи Втората годишна конференција за е-трговија под наслов „БИЗНИС РАСТ СО Е-ТРГОВИЈА“, која е во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. И оваа година, Конференцијата за е-трговија ќе биде местото каде многу истакнати меѓународни и домашни говорници преку предавања, панел дискусии и неформални разговори, ќе ги пренесат своите знаења и искуства од областа на е-трговијата и маркетингот.
Листата на говорници на конференцијата е исполнета со звучни и атрактивни имиња, а една од нив е и Аманда Џоунс, главен стратешки директор во McCann Букурешт, која на оваа позиција доаѓа од местото директор за планирање во McCann Манчестер. Аманда искуството во развивањето на продажни стратегии го стекнува работејќи во голем број на компании во Велика Британија и Европа, вклучувајќи ги Matalan, Marks & Spencer, Smyths Toys Superstores, но, сепак како најзначајно се издвојува нејзиното учество во метеорскиот раст на Aldi во Велика Британија.
Насловот на нејзината презентација на овогодишната конференција за е-трговија е „Раст со иднината на трговијата“, а нејзиното гостување го искористивме за добивање на корисни информации поврзани со е-трговијата, маркетингот и стратешкото планирање.
- На Втората конференција за е-трговија во организација на АЕТМ доаѓате како говорник и воедно претставник од една глобална маркетинг мрежа како што е Кажете ни нешто повеќе за значењето на маркетингот во е-трговијата во денешно време?
Забележуваме како одредени маркетинг сектори низ целиот свет се сè повеќе заслужни за успехот во деловното работење на компаниите и истовремено како многу брендови се развиваат паралелно со понудите кои ги нудат за потрошувачите, така што природно е е-трговијата да биде во фокусот кај најразлични брендови во многу категории.
Клучниот податок што ни го покажуваат нашите истражувања е дека е потребно брендовите да разберат што е тоа што го сакаат нивните клиенти во различни моменти и да ги испорачуваат соодветните алтернативи; а преку користење на е-трговијата може да се забави или забрза т.н. „shopper journey“.
Преминавме многу понапред од само користење на „дигитални канали за дигитална продажба“ и навлеговме во еден навистина поинтегриран период, при што трговците на мало промовираат и продажба преку е-трговија во нивните физички продавници и обратно, промовираат продажба во нивните физички локации на нивните е-продавници.
- Дали може да ни направите паралела помеѓу веб-адвертајзинг во е-трговијата и градењето односно рекламирањето на бренд? Што е она што ги прави различни и што е она што ги спојува?
Клучната разлика е опсесијата со краткорочни резултати кај комуникацијата во електронска трговија, додека за создавање на бренд потребно е време. Развивањето на рамнотежа помеѓу краткорочните активации и долгорочното градење на брендот е клучот за градење успешен бизнис и силен бренд. Големиот број на податоци во веб-рекламирањето резултираше со мерење на сите нив, најмногу затоа што тоа може да биде измерено, а не затоа што тоа нужно треба да биде измерено. Во таа смисла, полесно е да се следи веб-рекламирањето, што е олеснувачки за маркетинг тимовите. Она што го спојува создавањето на бренд и е-трговијата треба да биде вашата публика и гаранцијата дека преку она што го нудите испорачувате доследно искуство кое ги задоволува потребите на луѓето, кои постојано се менуваат.
- Пристапот до потрошувачите континуирано се менува, а со тоа и маркетинг тактиките. Кои фактори треба да се земат предвид при подготовката на една успешна маркетинг стратегија?
За многу брендови претставува потешкотија да останат во чекор со промените, така што потребно е да се разбере и да се направи јасна разлика помеѓу она што претставува промена во однесувањето на потрошувачите која ќе трае и помеѓу минлив тренд што нема да направи разлика во однесувањето на потрошувачите. Маркетинг тактиките постојано се менуваат, но обезбедувањето јасна улога која ја играте во животите на потрошувачите, треба да обезбеди дејствување со цел, наместо дејствување затоа што тоа е возможно. Пристапот до потрошувачите е една работа, но не е сè; понекогаш, помалку е повеќе.
- Покрај сите промени во индустријата, одредени темели во трговијата остануваат непроменети. Кои се вечните константи на добрата трговија?
Познавањето на вашата публика, разбирањето на вредноста на вашиот производ или услуга и познавањето каде се вклопувате во животите на луѓето, никогаш нема да се променат. Брилијантен производ ќе ви донесе успех, или неверојатен бренд ќе ви донесе успех; но потрошувачите се побитни од кога било досега – тие сакаат транспарентност, одлични производи и брендови кои додаваат вредност и добро ги претставуваат.
- Вашата презентација на Конференцијата за е-трговија е на тема „Раст со иднината на трговијата“. Што е она што според вас го носи иднината на трговијата и како да се искористат придобивките од е-трговија за поголем раст?
Нашето истражување покажува јасна разлика помеѓу термините купување и пазарење и досега развојот на е-трговијата беше во насока на овозможувањето на купување и стекнување доверба од потрошувачите. Мислам дека со развојот на оваа област и движењето напред, успешните е-трговци сè повеќе ќе започнуваат да ги истражуваат начините на е-трговијата како канал за пазарење, кој повеќе носи радост отколку убедување. Ние веќе гледаме дел од овој тренд, но се чини дека движењето ќе продолжи и понатаму.