Втора година со ред, благодарение на „Божиновски часовници и накит“, домашните креативци во рамки на платформата „Swatch на кирилица“ имаа несекојдневна шанса да предложат дизајн што ќе се употреби за изработка на светски познатите Swatch часовници и така да влезат во историјата како креатори на новиот македонски Swatch. Годинава, свои предлози и концепти на темата „7/8 такт“ доставија околу 80 креативци кои беа оценувани од жири-комисијата составена од Крсте Роџевски, Влатко Стефановски, Симон Трпчевски, Милчо Манчевски, Славимир Стојановиќ – Футуро и Михаил Корубин. Овогодишен победник е Андреј Павлов со кого денеска разговараме на Маркетинг365.
М365: Изминатата недела Вашето име стана популарно како дизајнер кому ќе му припадне честа да го даде дизајнот за новиот македонски Swatch часовник. Кажете ни нешто повеќе за Вас и вашите почетоци со дизјанот?
Андреј Павлов: Па почетоците се некаде баш на самиот почеток: отсекогаш сум цртал, уште од многу мал цртањето бил медиум преку кој сум раскажувал одредена приказна или како се чувствувам. Дизајнот како поле на креатива активно ме окупираше и при студирањето, бидејќи дипломирав на Машински факултет на смерот индустриски дизајн, но некаде таму дополнително се појави и дигиталната илустрација која ме фати во кош и сум активно заљубен во неа и тој медиум на креативно изразување.
М365: Дали редовно учествувате на конкурси и што беше Вашата мотивација да се пријавите на овој од компанијата „Божиновски часовници и накит“?
Андреј Павлов: Не сум активен учествувач можеби и затоа што немаме голем број на отворени конкурси во државава, но имам неколку во своето портфолио – локално и во пошироки рамки, каде сум предложил по некој дизајн. Што се однесува до овој конкурс, тој беше прекрасна можност каде заживуваат двата мои креативни светови – индистриускиот дизајн и дигиталната илустрација, преку правање на еден продукт кој може да зборува многу погласно и од самиот јас. А, мотивацијата првично потекна од една блиска особа која редовно ме буцкаше „мораш да пробаш хахаха“ и сопствената желба да се раскаже една приказна за дома, за ритамот и прегратките.
М365: Жирито кое беше составено од некои од најдокажаните македонски креативици од различни области, надоградено со регионално познати дизајнерски имиња, за победник го избра Вашиот дизајн насловен како „Такт, ритам, време“. Можете ли накратко да ни ја објасните идејата на концептот?
Андреј Павлов: Самиот конкурс имаше многу убава тематика. 7/8 такт. Приказна која постои во нашата традиција, секојдневие и историја. Музиката како медиум на изразвуање по мене никогаш не била што можеш да направиш со парче дрво или инструмент туку емоциите кои можеш да ги раскажеш преку тој канал.
Инспирација која е врежана со музиката и допирот потсетува на срцебиење. Срцебиење кое многу често се возвишува кога ќе гушнеме некој. Љубовна аритмија која потекнува од допир. Сите ние имаме личности во животот кои ни прават такво потскокнување.
Па, со сé ова на ум и произлезе дизајнот: рацете се оние кој гушкаат, рацете се оние кои свират, во најпростата смисла на зборот часовниците се оние кои ги прегрнуваат рацете на тие кои ги носат – љубов во ритам и историјата во време.
М365: Како Андреј црпи инспирација кога се подготвува за создавање на дизајн-концепти? Кој процес на креација докажано делува?
Андреј Павлов: Уф, никогаш нема формула. По мене или за мене најискрениот одговор е: ги раскажувам приказните што сакам да ги раскажам – приказните, случките и емоциите кои во мојата глава вредат да бидат оживеани на платното. Тоа се многу често моето секојдневие и секојдневието низ мојата призма или опсервација на животот околу мене или тој на моите најблиски. Животот се случува околу нас и за нас, она што сум јас е ловец на моменти и сакам истите да ги врамам во една мала дигитална вечност.
****************
Уште еднаш му честитаме на Андреј за победата на конкурсот, му благодариме за одвоеното време и му посакуваме уште многу успех во иднина!