На неодамнешниот меѓународен огласувачки фестивал Golden Drum, македонската агенција McCann Skopje освои две награди и титулата „Агенција на годината во Јадранскиот регион“, и сето тоа благодарение на кампањата „Стартап пакет“ за клиентот Халкбанк АД Скопје.
По тој повод, денешен гостин на Маркетинг365 е креативниот директор на McCann Skopje, Бојан Додевски, чиј креативен потпис стои позади наградената кампања. Со него разговараме за идејата и реализацијата на проектот, за соработката со клиентот, важноста на креативните натпревари и воопшто за значењето на креативноста во огласувањето.
Маркетинг365: Неодамна забележавте исклучителен успех на фестивалот Golden Drum со кампањата „Стартап пакет“ за Халкбанк. За што поточно се работи? Која беше задачата поставена од клиентот и како Вашиот креативен тим дојде до ова успешно решение?
Бојан Додевски: Задачата што ја добивме од Халкбанк беше да креираме кампања која ќе го промовира StartUp пакетот – иновативен производ наменет за поддршка на нови бизнис идеи и стартапи. Овој пакет обезбедува финансиска поддршка, неопходнa за успешен старт и развој на стартапите.
Кога размислувавме како креативно да го пренесеме духот и целта на производот, инспирација најдовме во легендарните почетоци на светски гиганти како Apple, Google, Amazon и YouTube. Сите овие компании започнале во скромни гаражи – најчесто во домовите на нивните родители. Сакајќи да ја пренесеме истата порака, ја осмисливме кампањата истакнувајќи ги токму тие скромни почетоци како симбол на претприемништво и верба во сопствената визија.
Сакавме да покажеме дека успехот не бара грандиозни почетоци – напротив, важно е да имате добра идеја и истрајност. Како што докажуваат овие примери, и компанија што почнува во гаража може да стане глобален лидер доколку основачите веруваат во својот потенцијал и не се откажуваат.
Маркетинг365: Во професионалните огласувачки публикации често се зборува за важноста на довербата помеѓу агенциите и клиентите, за отворената комуникација и слободата во развојот на креативните проекти. Досега со Халкбанк сте реализирале неколку успешни кампања, па следствено се наметнува прашањето каква е Вашата работна динамика со посочениот клиент?
Бојан Додевски: Едно од најдобрите нешта што може да му се случи на еден агенциски тим е да соработува со клиент кој со иста страст им се посветува на кампањите и работи на проектните задачи. И верува во својата агенција. Халкбанк е токму таков клиент. Нашата работната динамика е исклучително позитивна и конструктивна, довербата помеѓу нас е на високо ниво, што овозможува отворена комуникација и креативен простор за истражување нови идеи. И кога соработката е таква, во еден момент проектите се повеќе од задача, тие стануваат можност да создадеме нешто ново, уникатно и вредно.
Маркетинг365: Освоената титула „Агенција на годината во Јадранскиот регион“ на фестивалот Golden Drum е несомнено голем успех како за агенцијата McCann Skopje, така и за македонската креативна индустрија во целина. Колкаво е според Вас значењето на креативните фестивали и награди за работењето на самите агенции? Како тие успеси придинесуваат за развојот на креативната индустрија во една држава?
Бојан Додевски: Креативните фестивали и награди, особено оние меѓународните, имаат навистина важна улога во развојот на агенциите и креативната индустрија. Тие не само што ни помагаат да ја споредиме нашата работа со другите агенции, туку и со светските брендови и кампањи. Овие настани се индикатор за состојбата во индустријата и даваат релевантна потврда дека она што го создаваме е значајно и конкурентно на глобално ниво.
Јас се надевам дека нашите постигнувања ќе имаат позитивно влијание врз целокупната домашна креативна сцена, на поединците, клиентите, агенциите. Нам ни се потребни клиенти кои ја ценат и ја бараат креативната возбуда, бидејќи само така можеме да создадеме кампањи кои ја зголемуваат вредноста на брендот и придонесуваат за развојот на креативната индустрија.
Маркетинг365: Живееме во динамичен свет кој забрзано се развива, а технологијата отсекогаш ја револуционирала креативноста со нови алатки. Какви се Вашите погледи за иднината на креативноста во огласувањето? Во време кога постојано се акцентира персонализацијата, дали има простор за кампањи кои ја допираат човечноста на поопшто ниво?
Бојан Додевски: Технологијата дефинитиво ги забрзува креативните процеси. И во наредниот период мислам дека нема да престанеме да се изненадуваме од способноста на вештачката интелегенција и сè она што може таа да направи. Ќе треба да се навикнеме на шокантно интересни вести.
Секако без разлика дали ние креираме или тоа го прават алгоритмите, темите на кои ќе работи креативната индустрија секогаш ќе бидат блиски до човекот и сè она што му е важно. Креативноста ќе опстои без разлика кој е нејзиниот креатор.
Персонализацијата или пак фокусот на единката и на иднивидуата не нè оддалечува од човечноста и таа поширока заедничка приказна за која зборувате. Ние секогаш ќе трагаме по тие универзални човечки вистини кои нè возбудуваат и ќе се обидуваме од нив да направиме приказна за брендовите, за нашите искуства, за поврзувањето меѓу луѓето и за нашиот однос кон светот околу нас.
Маркетинг365: Човекот и неговата култура опстојуваат и се развиваат во постојан циклус на творештво – да се твори и да се биде инспириран од творештвото на други. За крај, како Бојан секојдневно се инспирира да продолжи со креативноста?
Бојан Додевски: Целта на кампањите е да предизвикаат реакција. Луѓето градат однос кон она што ние го правиме и она што брендот го зборува. Тоа значи дека сосема суптилно влегуваме во нивниот личен свет и комуницираме со нивните сфаќања, желби и вредности. Овој дијалог со луѓето е многу забавен и е инспиративен за повеќето луѓе во индустријата.
Мислам дека е изгубена храброста во адвертајзингот. Стравот дека ќе згрешиш е поголем од желбата да иновираш. Лично мислам дека вистинскиот креативен успех лежи токму во подготвеноста да бидеш храбар. Творештвото, во основа, значи да се оди на работ на познатото. Оваа тенка линија по која секојдневно се движиме е истовремено инспиративна и возбудлива.